13.06.2013 На социјaлно загрозените семeјства, приматели на социјалнa помош и невработените, не им е дојдено да ги запишуваат децата на курс по пливање.
Oпштината организира бесплатни обуки за учениците од 8 до 12 години, но за нив немало никаков интерес.
-Затоа, ние повторно ги повикуваме заинтересираните родители на учениците, да ги пријават во едношалтерската канцеларија, затоа што курсевите по пливање се бесплатни. Ќе започнат на 1 јули, а ќе се одвиваат на градскиот базен, рече Голубина Георгиева, советник за образование во Општина Кочани.
13.06.2013 Четириесеттиот ден после Христовото воскресение, Христос им се јави на Неговите ученици и им заповеда да одат по целиот свет, проповедајќи го Светото Евангелие на сите луѓе, велејќи им дека кој ќе поверува, и се крсти, ќе биде спасен, а кој не поверува, ќе биде осуден. За да успеат во таа мисија, Христос им го ветил Светиот Дух Утешител, оти без Неговата благодат не би биле спремни да ја извршат доверената мисија. Православните верници денеска го празнуваат Спасовден. Се поздравуваат со зборовите Христос се вознесе.
- Со вознесувањето Христос се вознесува и седнува оддесно на отецот со што сака да каже на луѓето местото не им е на земјата , туку на небесата, и дека ќе бидат вброени во редот на праведниците, истакна Димитар Арсовски, ѓакон во храмот „Св. Вмч. Ѓеорѓи“ во Кочани.
12.06.2013 Се подготвува градскиот базен. Откако се испразни водата, екипи на КЈП „Водовод“ го чистат пред да биде пуштен во употреба.Според одговорните, отворањето било планирано за викендов, но поради временските прилики истото е одложено најверојатно за в понеделник, повторно во зависност од метеоролошките услови.
Градскиот базен се нуди како одлична варијанта за релаксација и опуштање, барем за оние кои нема да отпатуваат некаде на море. Покрај големиот, и летово во функција ќе бидат двата помали базена за најмладите во долниот дел од комплексот.
Базенот годинава нема да понуди нови содржини. Освен трските за сенка, се размислува само за евентуално поставување на чадори како и лани. Засега утврдена е цената на влезниците, 50 денари за редовните посетители, со поволности за организираните групи на ученици.
12.06.2013 Само што започна, жетвата на јачменот привремено е запрена. Поради обилните врнежи од дожд, комбајните што кон крајот на минатата недела влегоа во нивите, од почетокот на оваа мораат да мируваат.
Сепак, земјоделците не се премногу загрижени поради тоа, туку повеќе се потпираат на проценките каков ќе биде родот. Велат дека просечно по декар засеан со јачмен вложиле по околу 2200 денари. Повеќето од нив се надеваат дека ќе имаат добри приноси, што ќе им го оправда трудот, но и вложените пари.
- Што се однесува до житото, ќе има, јачменот е добар нема што да се прави муабет... Очекуваме од еден ар една вреќа, највеќе... Просек ако гледаш, нивите се многу добри, и убав принос ќе има, обавезно, само да не удрат ветришта, град, супер ќе биде, рекоа земјоделци.
12.06.2013 Уште две недели остануваат за поднесување барања за електронска здравствена картичка.
Подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување ќе го продолжи работното време до 19 часот во работните денови, со цел сите осигуреници кои немаат поднесено барање тоа да можат го сторат и во попладневните часови.
За да се избегнат недоразбирања и создавање непотребни турканици, оттаму ги известуваат граѓаните дека службата ќе работи само за прием на барањата за картичка, а не и за останатите тековни активности на Фондот.
11.06.2013 Општина Кочани е шампион во Источниот регион според бројот на регистрирaни дивоизградени објекти во текот на минатата година. Според податоците од Државниот завод за статистика, инспекциските органи откриле вкупно 33 случаи во кои сопствениците се обиделе да изградат објект без да ја обезбедат соодветната документација за тоа.
Најголем број од дивоградбите, дури 12, се помошни објекти, а во 7 случаи се работи за започнати нови објекти за домување. Кај 6 објекти била регистрирана надградба или доградба без да биде обезбедена соодветна дозвола. Останатите бесправни објекти се тераси, настрешници, времени објекти, а во еден случај имало обид за дивоградба на деловен објект.
Од дивоградбите за домување сите се со станбена намена, односно не се регистриани објекти за одмор и рекреација или делумно домување.
11.06.2013 Состојбата со сообраќајните знаци и другата патна сигнализација во Општината не ги задоволува стандардите за безбеден сообраќај.
Со таква забелешка излегоа советниците, барајќи да се преземат мерки за подобрување на ситуацијата. Рекоа дека дел од знаците се оштетени, украдени, а некои искорнати заедно со столпчињата на кои биле поставени. Освен тоа, недостасуваат и сообраќајни обележја на повеќе сообраќајници во дел од новите населби во градот.
- Има недостаток од сообраќајни знаци или оние што веќе се поставени на многу улици во градот се уништени, тргнати и однесени, а не се поставени нови. Во новата населба “Бејрут“, каде што се оние попречни улици, до ден-денес нема поставено сообраќајни знаци, рече Спиро Георгиев, член на Советот на Општина Кочани.
11.06.2013 Без многу дилеми и дискусии помина четвртата седница на Советот на општина Кочани, на која главна точка на расправа беше приоритетниот проект за асфалтирање на улица во населбата Оризари.
Всушност и одржувањето на самата седница беше изнудено поради краткиот рок за аплицирање за добивање пари од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Се работи за главна, кејска улица во населбата, лоцирана на левата страна од Оризарска Река, со чие комплетирање ќе се реши инфраструктурното поврзување со Кочани.
11.06.2013 Во петокот се полагаше македонски јазик , првиот дел од државната матура. Во вториот дел учениците полагаа странски јазици и математика основно и напредно ниво. Тестатори беа професори од двете средни кочански училишта. Полагањето го следеа претставници од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и од Државниот просветен инспекторат.
-Кај нас се пријавија 156 ученици кои што полагаат англиски, германски и француски јазик и математика основно ниво. Распоредени во 14 училници, исто толку тестатори од СОУ „Ѓошо Викентиев“. Материјалите стигнаа навреме и беа предадени на тестаторите , беа проверени испитните простории и полагањето започна навреме во 10 часот и 15 минути. Немавме никакви проблеми од технички и организациски карактер. Сите ученици се јавија на полагање , освен двајца кои се надвор од државата, истакна Лазар Димитријев, директор на СОУ „Љупчо Сантов“.
10.06.2013 Кочанските училиштата секојдневно соработуваат со службите во одделот за вакцинација во Кочани. Информациите од терен се дека има ромски деца кои се на списокот на училиштата да појдат прво одделение, а ги нема на списокот за вакцинација. Тоа значи дека не ги примиле сите дози на потребни вакцини. Има две варијанти велат од кочанските училишта. Оние кои не се запишале во прво одделение, или се иселени од државата или нивните родители не сакаат да ги запишат во училиште. На ниво на Општина има вкупно се 47 деца Роми кои годинава треба да тргнат во прво одделение.
Според реонизацијата најголем број се евидентирани во ОУ „Малина Попиванова“. Од вкупно 36 ромски деца според евиденцијата на училиштето се запишале 19, а 17 се уште не.